Македонија и Грција односно Битола и Кожани, односно три партнери од кај нас и три од грчката страна ќе работат на управување со органскиот отпад. Денеска го одржаа првиот состанок, а домаќин на оваа средба беше ЈП Комуналец од Битола.
-Денес го одржуваме првиот состанок во рамки на проектот „Симбиоза“ кој што е финансиран од ЕУ и двете држави Р.Македонија и Р.Грција. Тој е проект во кој што се опфаќа интегрирано и одржливо управување со органскиот отпад односно био отпадот. Во него се вклучени 6 партнери, три од македонска и три од грчка страна. Водечки партнер е ЈП Комуналец од Битола. Покрај Комуналец другите два партнери од Македонија се Јавното претпријатие за комунални работи Комунална хигиена од Новаци и невладината организација Движењето за околина Молика од Битола. Од страната на Грција парнери се: Управување со отпад во Западна Македонија, Грција Диадима од Кожани, Инополис-Центар за иновации и култура, и Националниот технички универзитет Атина, рече Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец Битола.
Во рамките на проектот предвидени се низа активности кои се насочени кон воспоставување на интегриран, одржлив систем за управување со органски отпад, како и развивање на шеми за тргување со органски отпад во рамките на прекуграничната соработка.
-Со овај проект општина Битола ќе има повеќе придобивки. Ќе помогнеме во подигнување на културата и можностите за граѓаните за селекција на отпадот, посебно био отпадот,кој што ќе се подига од одредени мапирани лоцирани места од градот, ќе се носи на соодветно место, ќе се става во машини за компостирање и ќе се произведува компостот. Со тоа ќе се придонесе до намалување на штетните емисии на ЦО2 од една страна, а од друга растеретување на отпадот на контејнерите, а од трета страна ќе имаме можности и за мрежно поврзување, додаде Богоевски.
Имплементацијата на овај проект се случува во исклучително вашен момент и за Грција и За македонија, рече градоначалничката на Битола Петровска.
-Во исклучително значаен период кога се покажа дека Македонија и Грција можат да направат повеќе, се случува токму имплементацијата на овај проект, кој покажува заедничка грижа кон животната средина, современ третман на органскиот отпад, кој и тоа како ќе даде свој импут во локалните економии. Верувам дека ова е само почеток на успешна соработка со Грција и во следниот период за максимално искористување на ИПА Фондовите во корист на населението, рече Наташа Петровска, градоначалник на Битола.
Вкупниот буџет на проектот е од околу 900 илјади евра и треба да се реализира до почетокот на мај 2020 година.
-Ова е проект кој што е финансиран од ЕУ и претставува начин на кој што отпадот ќе може да се реализира понатаму, односно да се употреби за позитивни цели, рече Николас Петропоулос од Р.Грција.
Проектот е насловен „ Симбиотички мрежи за одржливо управување со отпад“ кој се имплементира во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Р.Грција и Р.Македонија 2014-2020. Средбата се одржа во потпелистерието во Битола.