ЗА ПОЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА: СТАВЕНО ВО УПОТРЕБА НОВО ВОЗИЛО ЗА МАШИНСКО ВОДЕНО МЕТЕЊЕ НА УЛИЦИТЕ
На иницијатива на Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, ЈП Комуналец набави ново специјално возило за машинско водено метење и миење на улиците познато како метларка на електричен погон со зафатнина од 5,5 метри кубни. Потребата за вакво возило се наметна од неупотребливоста на старите и дотраени метларки. На овој начин, ќе се зголеми грижата кон животната средина и степенот на одржување на јавната чистота во градот. Можноста за осовременување на јавните претпријатија доаѓа и како резултат на финансиската стабилност на Општина Битола. Така во изминатиот период од Општина Битола кон јавните претпријатија исплатени се околу 6.000.000 евра по основ на исплата на стари долгови, но и по основ на исплата на изведени ситуации во делот на нивното тековно работење.
„Тоа овозможи јавните претпријатија да набават механизација која што го олеснува нивното работење, но нуди и подобри услуги кон граѓаните. Конкретно, денес зборуваме за набавка на ново возило, метларка за чистење на улици од страна на ЈП Комуналец, кое е во вредност над 10.500.000 денари. Инаку ЈП Комуналец досега има направено набавка од над 1.000.000 евра, а само во последниве 8 месеци има направено набавка од над 40.000.000 денари. Сето ова покажува дека не само што ги обезбедуваме услугите кон граѓаните, се подобруваме и растеме во капацитетите на јавните претпријатија во понуда на доби услуги кон граѓаните. Ова покажува дека политиките на оваа локална самоуправа се далеку поинакви од се што претходно се случувало и се политики кои навистина нудат перспектива на поквалитетен живот на нашите граѓани. Во есенскиот период, ќе бидат набавени уште две помали метларки, со што навистина зборуваме за јавно претпријатие, кое сериозно одговара на потребите на граѓаните, меѓутоа и во изведувањето на својата дејност“, изјави Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Новата метларка е возило од познатиот бренд „Green machines“. Компанијата е во светскиот врв за производители на ваков тип возила.
„Од она што деновиве го гледаме, градот е направен како едно цело градилиште, што значи дека голем број на возила, градежни машини, камиони, дополнително оставаат прашина на коловозите, така што ова е еден одличен тип на возило којшто ќе ги сервисира сите потреби околу јавната чистота на град Битола. Оваа година направивме еден силен циклус на инвестиции, во опрема и механизација. Знаете дека беа набавени две нови возила за подигнување на отпад, камиони – ѓубретарки со големина над 14 метри кубни, потоа беше инвестирано во косачки машини, мало возило на електричен погон, средства на подземни контејнери, над 30 детски паркови, обезбедување цветен расад. Во делот на уличното осветлување, по барање на градоначалничката Петровска до каде до крајот на оваа година, ќе поставиме лед осветлување и во руралните средини и таа инвестиција како посебна инвестиција, надвор од сите досега споменати изнесува над 70.000.000 денари. Ова е почеток на нови инвестиции за нови метларки. Ќе следуваат уште две метларки, а благодарение на општината ќе добиеме и еден мал чистач посебно наменет за пешачките патеки“, изјави директорот на ЈП Комуналец, Панде Богоевски, на денешното ставање во употреба на новото возило за поголема јавна чистота во градот.
Извор: Општина Битола