Координирано, институционално и во комуникација со сите релевантни субјекти одговорни за превенција од КОВИД 19, Општина Битола покрај постоечките, воведува нови мерки, кои произлегуваат од новите координативни средби:
-Нов возен ред во општинскиот линиски превоз на патници. Автобусиите имаат редуциран, но функционален возен ред, соодветен за потребите на движење во вакви околности, согласно заклучоците на Владата на РСМ за намалување на движењето на нашите граѓани.
-Општина Битола ги информира граѓаните, доколку имаат потреба да користат лиценциран авто такси превоз, со истакната лиценца на возилата и истакнат ценовник со утврдени тарифи за чинење на превозот. За доследноста и почитувањето на оваа законска обврска, со која се спречува нелојална конкуренција, а со цел да не се загрозуваат патниците користејќи несоодветно заштитени и нелиценцирани авто – такси превозници, општинскиот инспекторат редовно на терен врши контроли.
-Општина Битола, од денес воведува нов начин на работа на административните службеници, односно ротационо двосменско работење, со цел постојано да има службеник кој ќе може да излезе во пресрет на итните барања на граѓаните.
-Секојдневно, веќе со голем број наставни содржини се надополнува платформата Домашна училница на веб страницата на Општина Битола и препорачуваме учениците да ја користат.
-Од средбите одржани со СВР Битола, Општина Битола ги известува граѓаните кои се во самоизолација, задолжително да ги почитуваат мерките на 14 дневна самоизолација. Како градоначалник поддржав најригорозно да се применуваат мерките согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, при непочитување на однесувањето во самоизолација.
-Покрај веќе објавената отворена телефонска линија 070 791 770, Црвениот крст воведе уште една телефонска линија за граѓаните на фиксниот телефонски број 047 236 019. Напоменувам дека броевите се однесуваат за набавка на храна и лекови на лица во нивно име од следните категории: стари и изнемоштени лица, лица со пречки во развојот или неподвижни лица во период од 8-16 часот, а помошта ќе ја даваат лица кои ќе носат соодветна легитимација издадена од Општинската организација на Црвен крст Битола.
-И во претходната изјава нагласив дека општината ја прифаќа соработката со сите правни и физички лица кои сакаат да помогнат во новонастанатите состојби.
Така денес, заедно со директорот на ЈП Комуналец Панде Богоевски, остваривме средба со Александар Митревски сопственик на сервисот за чистење СМЈ КЛИН и Томислав Спировски од сервисот за хигиена Кристално чисто, на кои им се заблагодаруваме за понудената помош во средства за дезинфекција. Координацијата за натамошните активности, ќе ја реализираат со ЈП Комуналец.
Ова е совесен пример како работите мора да се извршуваат институционално и координирано. Повторувам, секое однесување на поединци и непочитување на препораките, може да доведе само до контраефект, наместо до позитивни резултати.
-ЈП Комуналец редовно одржува средби со претставници на Центарот за јавно здравје, со кои се координираат за начинот на превентивното делување. Миењето и чистењето на улиците редовно се одвиваше, по што веќе премина во фаза на дезинфекција на улиците.
-Сите јавни претпријатија имаат потребни заштитни материјали за своите вработени.
-Како градоначалник, побарав од секторот за финансии да разработат предлог мерки за поддршка на стопанството.
-Штабското работење продолжува со истите карактеристики на циркуларни средби и користење на современите технологии за успешно синхронирано делување без загрозување.
Сето ова што е преземено е со запазување на ефективноста и ефикасноста, што подразбира рационално и трезвено однесување.
Голема благодарност до битолчани, за досегашниот одговорен однос. Намаленото движење значи намалена опасност и побрзо излегување од оваа ситуација, со што помалку последици.
Bitola News